Во недела, православните христијани ќе го одбележат големиот празник Прочка, ден што за македонскиот народ има посебно духовно и традиционално значење. Овој празник не е само уште еден датум во календарот, туку симболичен премин од зимскиот циклус кон периодот на духовна подготовка и внатрешно прочистување.
Прочка, позната и како Велики или Проштени Поклади, се смета за еден од најзначајните христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Таа доаѓа по низата зимски празници како Бадник, Божик, Водици и Св. Трифун, и претставува своевиден мост кон богатата пролетна празнична традиција во која се вбројуваат Тодорова Сабота, Младенци, Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден и Ѓурѓовден.
Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости – период исполнет со одрекување, молитва и духовна подготовка за Христовото воскресение. Постот не е само телесно воздржување од одредена храна, туку пред сè повик на прочистување на мислите, зборовите и делата, како и продлабочување на личната вера и идентификација со Спасителот, Исус Христос.
Она што ја прави Прочка посебна се богатите обичаи што се практикуваат на овој ден. Најважен е чинот на проштевање – токму по него празникот го добил своето име. Помладите традиционално бараат прошка од постарите, а верниците меѓусебно си простуваат за навредите и недоразбирањата, со зборовите „Прости ми“ и одговорот „Простено да ти е од мене и од Бога“. Овој обичај има јасна христијанска основа и ја нагласува пораката дека во постот треба да се влезе со чиста душа и без товар од минатото.
Покрај проштевањето, се изведуваат и други обичаи како амкањето – обред во кој варено јајце врзано на конец се ниша, а децата се обидуваат да го фатат со уста без помош на раце. Овој ритуал најчесто ја заокружува богатата семејна трпеза, на која доминираат сирење, јајца и млечни производи, бидејќи се наоѓаме во Сиропусна недела, последен ден пред почетокот на строгите пости.
Во многу места се палат и обредни огнови, се практикува маскирање и се организираат веселби што имаат корени и во претхристијанските пролетни празнувања. Додека проштевањето е востановено под силно влијание на црквата, дел од останатите обичаи претставуваат остаток од старите народни верувања поврзани со испраќање на зимата и повикување на плодна и среќна година.
Што треба да се прави на Прочка е јасно: да се побара и да се даде прошка искрено, без гордост и инает; да се помине денот во мир, со семејството; да се почитуваат традициите што се пренесуваат со генерации. Тоа симболично значи духовно чистење пред почетокот на постот.
Исто така, постојат и работи што според народното верување треба да се избегнуваат. Не се препорачува извршување тешки домашни работи, бидејќи денот треба да биде исполнет со спокој и хармонија. Одбивањето да се прости се смета за тежок духовен товар, па дури и ако некој не е подготвен целосно да прости, традицијата советува да изговори „Господ ќе прости“. Кавгите, навредите и предизвикувањето конфликти се спротивни на суштината на празникот.
Прочка не е само обичај, туку потсетник дека вистинската подготовка за постот започнува од срцето – со искрено покајание, смирение и простување.

















