Возачите повеќе нема да можат да се правдаат дека влегле на зелено светло ако со тоа ја блокираат раскрсницата. Пораката е јасна – секој мора сам да процени дали има простор да ја помине крстосницата без да го закочи сообраќајот.
На ова предупреди министерот Панче Тошковски во гостување на ТВ21, објаснувајќи како ќе се третираат ситуациите кога возач ќе помине на зелено светло, но поради метеж ќе остане заглавен среде раскрсница.
Според неговото појаснување, ваквите случаи ќе се сметаат за прекршок, но не како поминување на црвено светло. Наместо тоа, ќе се третираат како забавување или отежнување на сообраќајот во рамки на крстосница – посебно дефиниран прекршок за кој е предвидена казна од околу 45 евра.
Тошковски нагласи дека во тест-периодот имало ситуации каде камерите ги евидентирале возачите како да поминале на црвено, иако тие влегле на зелено светло, но поради гужва останале во средината на раскрсницата. Тој појасни дека таквите неправилности се отстранети и дека овој прекршок нема да се води како минување на црвено, туку како „угушување“ на крстосница.
Клучната обврска, според министерот, останува на возачот – пред да тргне на зелено, мора да процени дали со тоа ќе создаде застој. Ако е очигледно дека пред него нема доволно простор за движење, должен е да застане и да почека, наместо да влезе во раскрсницата и да го блокира сообраќајот од другите правци.
Во исто време, Тошковски најави дека во Скопје е во тек имплементација на паметен „зелен бран“. Станува збор за систем кој треба да ја подобри координацијата на семафорите на булеварите, со цел да се зголеми проточноста на сообраќајот. Според проценките, со целосна имплементација би можело да се постигне околу 30 проценти побрзо движење на возилата.
Системот ќе ги опфати сите булевари во градот, а надлежните тврдат дека интензивно се работи на негово спроведување. Во однос на тајмерите на семафорите, министерот посочи дека анализите и досегашните искуства покажале оти тие во пракса често создаваат повеќе проблеми отколку корист.
Со новите правила и технолошки решенија, фокусот се става на личната одговорност на возачите и на подобрување на протокот на возила, но и на спречување на ситуациите кога една погрешна проценка може да предизвика целосен застој во сообраќајот.

















