Утрово пристигнала дојава за поставена бомба во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, со што продолжува серијата закани што во изминатиот период ја вознемируваат оваа образовна институција, објави ТетоваСот.
Според првичните информации, веднаш по добивањето на известувањето биле активирани стандардните безбедносни протоколи. Учениците и вработените биле итно евакуирани од објектот со цел да се гарантира нивната безбедност, додека надлежните служби започнале со проверка на просториите.
Ова не е првпат гимназијата да се соочи со ваква закана. Во претходните случаи, по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави, но секоја нова дојава предизвикува сериозна загриженост кај учениците, родителите и наставниот кадар.
Од надлежните институции се очекува официјална потврда дали и овојпат станува збор за лажен аларм. Паралелно со тоа, истрагите за откривање и идентификација на лицата што стојат зад овие закани продолжуваат, со цел да се стави крај на вознемирувачките инциденти што ја нарушуваат наставата и чувството на сигурност во училиштето.

















