Силна зимска бура предизвика хаос низ Австрија, принудувајќи го аеродромот во Виена привремено да ги прекине сите операции. Како резултат на обилниот снег и силниот ветер, десетици летови беа откажани, а стотици патници останаа заглавени на терминалите.
Најкритично беше во покраината Тирол, каде во долината Лехтал лавина затрупа автобус со 11 патници. Инцидентот се случи рано наутро во општината Бах, но за среќа нема повредени лица. Патот веднаш беше затворен за сообраќај додека екипите го расчистуваа теренот.
Паралелно, тешка сообраќајна несреќа е забележана во Зелден, каде автомобил во кој се наоѓале татко и ќерка, по судир со машина за чистење снег, излетал од патот и паднал 30 метри по стрмна падина. И покрај тоа што возилото за чистење снег ги почитувало протоколите, лошите услови и лизгавиот коловоз довеле до несреќата со германските туристи.
Надлежните служби се на терен и продолжуваат со расчистување, додека аеродромските власти во Виена најавуваат дека сообраќајот ќе започне да се нормализира по престанокот на врнежите и намалувањето на силниот ветер.

















