ПРВ.мк
Свет

МАРК ЦУКЕРБЕРГ СВЕДОЧЕШЕ ВО ТУЖБАТА ПРОТИВ META

МАРК ЦУКЕРБЕРГ СВЕДОЧЕШЕ ВО ТУЖБАТА ПРОТИВ META
Kristal

Основачот на Meta, Марк Цукерберг, сведочеше на судење во САД во рамки на тужба поднесена од 20-годишна жена, идентификувана како КГМ, која тврди дека употребата на социјалните мрежи ја довела до зависност и сериозно нарушување на менталното здравје.

Тужбата се однесува на Instagram, во сопственост на Meta, како и на YouTube, дел од Alphabet Inc. Девојката тврди дека започнала да ги користи платформите од својата десетта година и дека тоа довело до влошување на депресијата и појава на самоубиствени мисли. Нејзините адвокати истакнаа дека раната и интензивна употреба на социјалните мрежи создала зависност од технологијата. Првично биле опфатени и TikTok и Snap Inc., но тие постигнале спогодба пред почетокот на судењето.

За време на рочиштето, адвокатот на тужителката презентирал интерни документи кои покажуваат дека компанијата во минатото поставувала цели за зголемување на времето што корисниците го поминуваат на платформите. Цукерберг признал дека такви цели постоеле, но нагласил дека подоцна биле укинати. Тој додаде дека Meta формално не дозволува користење на платформите за лица под 13 години и се вложуваат напори за откривање на оние кои лажно ја прикажуваат својата возраст.

По сведочењето реагираа и организации за заштита на децата, оценувајќи дека компаниите не преземаат доволна одговорност за безбедноста на најмладите. Цукерберг претходно се извини на семејствата кои сметаат дека социјалните мрежи придонеле за трагични исходи, без да признае директна вина.

Исходот од овој процес може да има значително влијание врз илјадници слични тужби против технолошките компании. Одбраната на Meta тврди дека тужителката имала проблеми со менталното здравје и пред користењето на Instagram, посочувајќи и на тешки семејни околности како можен фактор за нејзината состојба.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo