Тешка сообраќајна несреќа го потресе местото Велико Головоде, во близина на Крушевац, каде во судир меѓу комбе и два патнички автомобили се повредени повеќе лица.
Според првичните информации, до несреќата дошло кога двете возила, наводно, се движеле со голема брзина и постои сомнеж дека возачите се тркале. Во еден момент изгубиле контрола и удриле во комбе, кое од силината на ударот било оттурнато и завршило во дворот на блиска куќа.
Сцените на местото биле вознемирувачки – искршени возила, делови расфрлани по патот и интервенција на службите за итна помош. На терен веднаш пристигнале полициски екипи, пожарникари и екипи на брза помош.
Според неофицијални извори, еден од повредените бил заглавен во возилото, по што пожарникарите морале да интервенираат за да го извлечат. Засега нема официјални информации за степенот на повредите, ниту за точната здравствена состојба на настраданите.
Надлежните служби вршат увид за да ги утврдат сите околности што довеле до оваа тешка несреќа, а сообраќајот во реонот бил привремено отежнат.
Истрагата треба да покаже дали навистина несовесното тркање е причината за драмата што можела да заврши и многу потрагично.

















