Вкупно 1.883 барања за биомедицинско потпомогнато оплодување биле поднесени и разгледани во периодот од 7 август 2025 до 20 август 2026 година, покажуваат податоците на Фондот за здравствено осигурување.
Пред една година беше зголемен бројот на БПО обиди што се покриваат на товар на Фондот – од три на најмногу шест, со што семејствата добија можност за дополнителни обиди без финансискиот товар целосно да падне врз нив.
Од вкупниот број барања, 237 се однесувале на четврти, петти или шести обид. Поточно, 216 барања биле за четврти, 17 за петти, а четири за шести обид.
Според ФЗО, тоа претставува околу 12,6 проценти од сите разгледани барања во наведениот период.
Покрај зголемувањето на бројот на обиди, постапката била и поедноставена. Воведена е електронска достава на известувањето за одобрено право на БПО, рокот за приговор е продолжен од осум на 15 дена, а услугите може да се остварат врз основа на известувањето од Фондот, без дополнителен упат од матичен гинеколог.
Во осум здравствени установи со кои ФЗО има склучено договори, во текот на 2025 година за БПО постапки биле реализирани повеќе од 97,3 милиони денари.
Од Фондот посочуваат дека проширувањето од три на шест обиди има цел на семејствата кои се соочуваат со проблеми при остварување потомство да им обезбеди повеќе можности и финансиските пречки да не бидат причина прерано да се откажат од постапката.







