Министерството за јавна администрација денеска го претстави новиот Информациски систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР), кој ќе овозможи транспарентност за тоа кој каде е вработен и колкава плата зема. Министерот Горан Минчев најави дека до 2026 година сите 1.400 државни институции ќе бидат вклучени во системот.
Новитетите вклучуваат електронски портал за овластувања и пријави, дигитално одобрување на систематизациите, поедноставено ажурирање на податоците и можност за следење на секое досие на вработените.
За вработените кои не ја вршат својата работа, Министерството планира формирање на Академија за едукација и вклучување во работниот процес. Минчев истакна дека засега не се разгледува масовно отпуштање, бидејќи постојат отпремнини, но нагласи дека мора да се зголеми дисциплинската одговорност, вклучително со опомени, казни и отпуштање.
Министерот посочи дека Македонија има за 50.000 повеќе вработени во јавниот сектор отколку Словенија, која има слична големина на население, што укажува на потреба од рационализација и подобра организација на кадарот.
Целта е да се оптимизира и подобри работењето, со посебен акцент на дисциплина и одговорност кај вработените.