Директорот на КПУ Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, Бобан Утковски, поднел оставка од директорската функција, а како причина за повлекувањето навел лични причини.
Информацијата, која претходно се појавуваше на социјалните мрежи, ја потврдиле и од Владата за „Слободен печат“.
„Директорот на КПУ Затвор ‘Скопје-Скопје’ во Шуто Оризари, Бобан Утковски, има поднесено оставка до Владата, која ќе биде предмет на разгледување на една од наредните седници на Владата. Во оставката е наведено дека причините за нејзиното поднесување се лични причини“, соопштиле од Владата.
Оттаму додаваат дека по именувањето нов директор на затворот, јавноста ќе биде навремено информирана.
„Слободен печат“ се обидел да добие дополнително објаснување од Утковски за причините за неговото повлекување, но тој не одговорил на повиците и пораките.
Директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов, пак, изјавил дека во последните месеци немал контакт со Утковски, иако токму на негов предлог тој претходно бил назначен на функцијата.
Утковски во јавноста неодамна привлече внимание и со изјавите поврзани со безбедносната состојба во затворот и случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Тој тогаш тврдеше дека затворот во Шутка е безбедна установа и порача дека „не е мексикански картел“, реагирајќи на информациите дека Груби не бил безбеден доколку биде сместен таму.
По заминувањето на Утковски, Владата треба да одлучи кој ќе го преземе раководењето со КПУ Затвор „Скопје“.







