ПРВ.мк
Македонија

Димитриевски: Продолжувам со почнатиот развој и нови капитални проекти

Димитриевски: Продолжувам со почнатиот развој и нови капитални проекти

Лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кандидат за трет мандат, изјави дека неговата обврска е да ги доврши сите почнати проекти и да реализира нови. Во гостувањето во емисијата „Само Интервју“ на Канал 5, тој истакна дека ЗНАМ влегува во локалните избори не само за учество, туку за победа, како што тоа го покажале во Куманово со преземање одговорност и решавање проблеми.

Димитриевски посочи дека во првиот мандат ја стабилизирале најзадолжената општина и ја трансформирале во финансиски најстабилна во државата, реализирајќи повеќе проекти, а во вториот мандат работеле на капитални проекти во урбани и рурални средини, меѓу кои и реконструкција на спортската сала. Под негово водство се реализирани над 800 проекти.

Кандидатурата ја прифати со цел да ги доврши почнатите проекти и да започне нови, очекувајќи поддршка од граѓаните на изборите на 19 октомври. Тој истакна дека за него е значајна поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, но примарна е обврската кон Куманово.

Димитриевски се гордее и со најголемата странска инвестиција во градот – логистичкиот центар на Лидл на 60.000 квадратни метри, вреден над 110 милиони евра, кој треба да стане оперативен до март следната година, а целосно функционален со продажни центри до крајот на 2026 година.

Тој уверува дека ЗНАМ не ја изневерила поддршката на граѓаните и дека сондажите покажуваат дека неговата работа и посветеност се препознаени, што го охрабрува да продолжи со развојот на Куманово.

Escape