Инцидент меѓу малолетници на игралиште во скопска Кисела Вода прераснал во физичка пресметка во која се вмешале и родители, а случајот завршил со повеќе пријави во полиција.
Според информациите од МВР, 35-годишен скопјанец пријавил дека на 13 август околу 21:30 часот неговата малолетна ќерка била физички нападната со пластично шише од двајца малолетници.
По пристигнувањето на родителите на девојчето, малолетниците се разбегале во двор од куќа на сосетка. Таткото на девојчето ги задржал, по што, според неговата пријава, бил физички нападнат од 46-годишен скопјанец, татко на еден од малолетниците.
Но, во полицијата била пријавена и друга верзија на настанот. 46-годишниот татко навел дека неговиот малолетен син и неговиот другар биле физички нападнати од таткото на девојчето. Според оваа пријава, еден од малолетниците претходно ненамерно го удрил девојчето со пластично шише.
Дополнително, уште еден 45-годишен скопјанец пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од истиот 35-годишен маж.
Од СВР Скопје информираат дека презеле мерки и ги расчистиле пријавените настани. По целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.






