Осумгодишно дете од Куманово, кое во моментов престојувало во Тетово, било затекнато како питачи на улицата „Илинденска“, со што била загрозена неговата лична безбедност, но и безбедноста во сообраќајот.
Случајот бил пријавен во СВР Тетово на 17 ноември, околу 00:30 часот. За настанот веднаш бил известен јавен обвинител, кој дал насоки за понатамошно постапување.
Со детето бил извршен службен разговор во присуство на инспектор за малолетничка деликвенција и психолог од Центарот за социјална работа. По разговорот, на осумгодишното дете му била укажана лекарска помош во Клиничката болница во Тетово.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното расчистување и документирање на случајот, против мајката С. Д. (33), која исто така е од Куманово, но престојувала во Тетово, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Таа ќе одговара според член 201 од Кривичниот законик, кој се однесува на кривичното дело „запуштање и малтретирање на дете“.






