Денешниот ден, 14 октомври, православните верници го одбележуваат како еден од најзначајните празници посветени на Пресвета Богородица – Покров, познат и како Женски празник.
Празникот се празнува како спомен на чудесното јавување на Богородица, кое се случило на 1 октомври 911 година во влахернската црква во Цариград, за време на ноќна богослужба. Црквата била исполнета со верен народ, меѓу кои биле и свети Андреј Јуродивиот и неговиот ученик Епифаниј.
Околу четири часот наутро, тие сведочеле како над народот се појавила Пресвета Богородица, облечена во блескава облека и со омофор – свештенички покров што го ширела над луѓето, симболично покривајќи ги и заштитувајќи ги. Со неа биле и мноштво апостоли и светители.
Свети Андреј го прашал својот ученик:„Ја гледаш ли, брате, Царицата и Господарката над сè, како се моли за целиот свет?“
Овој настан се смета за потврда на силното молитвено застапништво на Богородица пред Бога, и е причина поради која таа се чествува како заштитничка на целиот православен народ.
Покров не е само духовен празник, туку има и особено значење за жените.
Според народните верувања:
- Жените кои немаат деца треба да се помолат на овој ден за да добијат пород
- Мајките се молат за здравје и заштита на децата
- Жените кои се трудни, се молат за лесно породување
Празникот се слави со посебна почит, тивко и со молитва, а многумина запалуваат свеќа во чест на Пресвета Богородица – заштитничка на мајките, децата и семејството.