Денес православната црква го одбележува споменот на Светиот апостол и евангелист Лука, еден од најпознатите Христови ученици и автор на едно од четирите свети Евангелија, како и на книгата Дела Апостолски.
Свети Лука е роден во Антиохија, во образовано семејство. Во младоста се истакнал по својата љубов кон науката – ја изучил грчката философија, медицината и уметноста на иконописот, што подоцна ќе му стане од особено значење во христијанството.
Во времето кога Господ Исус Христос го извршувал своето дело на земјата, Лука дошол во Ерусалим, каде Го видел Спасителот лице в лице, ја слушнал Неговата наука и бил сведок на чудата што Христос ги правел. Потресен од верата и силата на Божјото слово, поверувал во Христа и станал еден од Седумдесетте апостоли, кои Господ ги испратил да го ширaт Евангелието низ светот.
По Воскресението, Лука бил еден од двајцата ученици кои Го сретнале воскреснатиот Христос на патот за Емаус (спомнато во Евангелието по Лука, глава 24). По слегувањето на Светиот Дух, се вратил во Антиохија и станал верен сотрудник на апостол Павле. Заедно патувале во многу земји, ширејќи ја Христовата вера меѓу Евреите и незнабошците. Апостолот Павле за него ќе напише: „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“ (Колосјани 4,14).
По барање на христијаните, Лука околу 60-тата година по Христа го напишал своето Евангелие, а подоцна и Делата Апостолски, двете дела ги посветил на благородниот Теофил од Ахаја.
Освен како евангелист и лекар, Свети Лука се слави и како прв христијански иконописец. Преданието вели дека тој прв ги насликал иконите на Пресвета Богородица – дури три различни претстави – како и ликовите на светите апостоли Петар и Павле.
Во подоцнежните години од својот живот, Лука проповедал по Италија, Далмација, Македонија и Египет, а својата мисија ја продолжил и во Грција, каде што и го завршил земниот живот. На 84-годишна возраст, бил мачен и обесен на маслинка во градот Тива (Теба) во Беотија, поради неговата непоколеблива вера во Христа.
Во времето на цар Констанциј, неговите свети мошти биле пренесени во Цариград, каде што станале извор на исцеленија и чудеса.
Свети Лука останува пример на лекарска милосрдност, духовна мудрост и уметничка светост, а верниците денес му се молат за здравје, духовен мир и благослов во делото.
















