Православните верници денеска ја одбележуваат Задушница – ден посветен на споменот и молитвата за починатите. Овој ден секогаш се паѓа во сабота, пред месопусната недела, непосредно пред почетокот на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Според црковниот календар, задушниците се посебно определени денови во текот на годината кога верниците се собираат за заедничка молитва за покој на душите на упокоените. Саботата е денот што црквата го одредила како време за помен, бидејќи симболично е поврзан со сеќавањето на починатите.
На овој ден, во храмовите се служи света литургија и парастос. Верниците палат свеќи и се молат за мир на душите на своите најблиски. Потоа се посетуваат гробиштата, каде што со молитва, варена пченица и лепче прелиено со црвено вино се оддава почит на покојните.
Традицијата налага и давање милостина на луѓе во потреба, како чин на добрина во име на оние кои повеќе не се меѓу живите. Со тоа се испраќа порака на љубов, простување и духовна поврзаност која не престанува ни по заминувањето од овој свет.
















