ПРВ.мк
Македонија

Забраната за пушење стопирана, акцизите остануваат исти: Еве што реши Владата

Забраната за пушење стопирана, акцизите остануваат исти: Еве што реши Владата
Kristal

Иако Светската здравствена организација јавно ги повика државите значително да ги зголемат цените на цигарите, алкохолот и засладените пијалаци, македонската Влада засега не планира ваков чекор. Од таму велат дека сите меѓународни препораки се разгледуваат, но дека во моментов нема конкретна одлука за поскапување на овие производи ниту за динамиката на евентуалните мерки.

Истовремено, најавениот строг закон за заштита од пушење ќе се спроведува постепено. Наместо веднаш да се воведат казни, прво ќе следуваат едукативни кампањи и опомени, по што дури подоцна ќе се применуваат санкции. Овој пристап, според Владата, е резултат на разговорите со бизнис заедницата.

Новиот закон предвидува забрана за пушење на сите никотински производи во затворени угостителски објекти, јавни институции, училишта, спортски сали, како и во возила доколку во нив има деца. Во план е да бидат опфатени и електронските цигари, вејп-уредите и загреаните тутунски производи. За прекршителите се најавени казни од 150 до 300 евра за граѓаните и до 5.000 евра за фирмите.

Светската здравствена организација во меѓувреме алармира дека токму тутунот, алкохолот и засладените пијалаци се меѓу главните причинители за срцеви заболувања, рак и дијабетес, кои учествуваат во повеќе од 75 проценти од сите смртни случаи на глобално ниво. Според нивните анализи, зголемување на цените за најмалку 50 проценти би можело да спаси десетици милиони животи во наредните децении и истовремено да обезбеди дополнителни приходи за здравствениот систем.

И покрај ваквите проценки, од македонската Влада порачуваат дека секоја одлука ќе биде донесена по дополнителни анализи и координација меѓу институциите, водејќи сметка за јавниот интерес.

Здравствените власти пак нагласуваат дека целта на новиот закон не е казнување, туку заштита на граѓаните, особено децата и младите, од изложеност на чад и создавање нови генерации зависници од никотин.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo