ПРВ.мк
Македонија

Чување диви животни дома може скапо да ве чини: Еве колкава е казната ако го правите тоа без дозвола!

Чување диви животни дома може скапо да ве чини: Еве колкава е казната ако го правите тоа без дозвола!

Случајот со младиот волк пронајден во скопско Козле, со каивче и синџир околу вратот, повторно го отвори прашањето колку е законски и безбедно чувањето диви животни во домашни услови во Македонија.

Според законските прописи, чување диви животни без соодветна дозвола може да донесе сериозни казни, кои во одредени случаи достигнуваат и до 20.000 евра.

Во Законот за заштита на природата јасно е наведено дека е забрането чување и одгледување диви животински видови во несоодветни услови и без соодветни одобренија. Дозволите ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, која проверува дали постојат услови за безбедно и хумано чување на животното.

Главниот инспектор за заштита на природата, Пејо Кировски, објаснува дека секој што сака да чува диво или егзотично животно мора да обезбеди документација за легално потекло, соодветен простор, ветеринарен надзор и документација согласно CITES-конвенцијата за трговија со диви животни.

Законот предвидува глоба од 3.000 евра за правни лица кои чуваат диви животни без дозвола или во несоодветни услови. Доколку станува збор за опасни диви видови кои можат да претставуваат ризик за луѓето, казните се движат од 8.000 до 20.000 евра. Казни се предвидени и за физички лица.

Во меѓувреме, волкот пронајден во Козле останува во карантин во скопската Зоолошка градина, каде што се вршат дополнителни анализи и проверки за неговото потекло. Од Зоолошката градина потврдија дека по консултации со домашни и странски експерти е утврдено дека станува збор за вистински волк, а не за мешанец или куче.

Животното било неисхрането и недоволно развиено за својата возраст, а дополнително биле земени примероци за лабораториски анализи. Надлежните институции сè уште работат на утврдување кој го чувал и како завршил во населено место.

Инспекторите посочуваат и дека Македонија сè уште нема специјализиран прифатен центар за одземени диви и ранливи животни, што дополнително го отежнува справувањето со вакви случаи.