Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против претседател на суд и еден судски администратор, кои се товарат дека заеднички примале парични средства за незаконско влијание врз судски одлуки.
Според истрагата, во периодот од јануари 2023 до 2025 година, двајцата осомничени, дејствувајќи како соизвршители, со намера ја злоупотребиле својата службена позиција. Тие, како што се наведува, барале и примиле 8.000 евра како награда за да интервенираат во судски предмети.
Дополнително, второосомничениот примил уште 800 евра во истиот контекст. Парите, според сомнежите, биле наменети за влијание врз судија во Основен суд Гостивар, како и врз Совет на судии во Апелационен суд Гостивар.
Обвинителството наведува дека станува збор за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, при што осомничените наводно користеле службена позиција за да обезбедат одреден исход во судски постапки.
По отворањето на истрагата, надлежниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за изрекување мерки на претпазливост за двајцата осомничени, со цел да се спречи влијание врз сведоци или постапката.
Истрагата е во тек и се очекува дополнително прибирање на докази и можни нови детали за вмешаност на други лица.







