Македонската јавност е во неверување по последниот скандал што ја потресе полицијата – двајца полициски службеници од ОВР Кичево се осомничени дека учествувале во вооружениот грабеж на златарница во Гостивар, каде што биле украдени дури 18 килограми злато!
Според информациите од Основното јавно обвинителство Гостивар, против осомничените е донесена Наредба за спроведување истражна постапка поради основано сомнение дека сториле кривично дело „Разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Истражните органи утврдиле дека на 10 октомври, двајцата полицајци, заедно со уште неколку лица кои сè уште се во бегство, планирале и извршиле грабеж на златарница во центарот на Гостивар. Во текот на акцијата, со закана и употреба на огнено оружје, тие насилно одзеле 18 килограми злато – вредност што се проценува на неколку стотици илјади евра.
Она што ја шокира јавноста е фактот дека припадници на полицијата, кои требало да ја штитат безбедноста, всушност биле дел од криминалната група што го организирала грабежот. Според обвинителството, осомничените полицајци го користеле своето службено знаење и позиција, правеле извид на локацијата и на движењето на вработените во златарницата два дена пред нападот, а на денот на грабежот со службено возило на МВР го обезбедувале патот за бегство на разбојниците.
По грабежот, едно од возилата што било користено во акцијата било пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар–Дебар, додека другото било откриено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
Јавниот обвинител веќе доставил предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат делото.
Овој скандал ја отвори темата за корупцијата и криминалот во полициските редови, и многумина бараат детална истрага и одговорност на сите вмешани лица, без оглед на нивната функција или униформа.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк














