Популарниот српски турбо-фолк пејач Аца Лукас синоќа имаше настап во познат кавадаречки локал, кој, како што пренесуваат присутните, бил прекинат околу полноќ поради интервенција на полицијата.
„Атмосферата беше супер, се додека Лукас не прекина среде песна. Не сфативме веднаш што се случува, потоа забележавме дека дојдоа полициски службеници, а тој нешто негодуваше, се расправаше и замина со нив. Чекавме некое време да се врати, а по околу половина час некој на микрофон кажа дека Аца е однесен во полициската станица“, велат млади луѓе кои биле гости на настанот.
На социјалните мрежи веќе се споделуваат видео снимки од настанот, на кои се гледа како пејачот заминува од локалот во придружба на полицијата, обидувајќи се нешто да им појасни на службениците.
Официјални детали за случката се очекуваат во текот на денот од надлежните институции.
Инаку, Аца Лукас веќе најави голем концерт во Скопје, кој ќе се одржи на 20 декември во Арена „Јане Сандански“. На концертот ќе настапат и Мира Шкориќ и Мирослав Илиќ, а гости ќе бидат Жаре Бербер и Галама Бенд.
















