Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Велес против Н.Т., вработен како самостоен референт – контролор во Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи при СВР Велес. Тој се сомничи за кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според информациите од МВР, Н.Т. постапувал спротивно на Законот за општата управна постапка додека работел на предмет за одземање оружје и дозвола за оружје од лице за кое веќе се водела управна постапка. Иако законскиот рок бил истечен, тој ја повторил постапката и изготвил ново решение со кое ја запрел, и покрај тоа што Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен веќе донела решение со јасна правна поука – лицето да биде упатено на поведување управен спор пред Управниот суд.
Со ваквото постапување, пријавениот му овозможил на лицето повторно да му биде вратено одземеното оружје и дозволата за негово поседување, што претставува сериозно прекршување на службената должност и на правосилна постапка.
Одделот за внатрешна контрола најавува дека, покрај кривичната пријава, ќе поднесе и предлог за поведување дисциплинска постапка против Н.Т., како и задолжителна мерка – негово отстранување од работното место.
















