Бугарија ја изразува растечката загриженост за континуираното непочитување на обврските на Република Северна Македонија кон Европската Унија. Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, испрати писмо до колегите од ЕУ и европските институции во кое информира за најновите обиди на Македонија да компромитира важни елементи од европскиот консензус.
„Пакет-договорот одобрен во јули 2022 година останува единствениот пат напред за земјата-кандидат за ЕУ. За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, забележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, вклучително и целно оспорување на клучните договори пред Уставниот суд во Скопје“, пишува Георгиев во писмото.
Бугарија потврдува дека е подготвена да ѝ помогне на Македонија да го следи својот европски пат, доколку членството во ЕУ остане вистински избор на владата во Скопје.
Од друга страна, македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, истакна за „Политико“ дека Македонија нема да прави измени во својот устав доколку ЕУ не даде гаранции дека тоа е последниот услов за земјата. Тој нагласи дека постои страв оти, ако се направат уставните измени, Бугарија би можела повторно да постави нови барања во иднина за прашања како историјата, идентитетот и јазикот.