Голема трагедија утрово ја вознемири Битола, откако во населбата Баир било извршено убиство во кое животот го загубила млада жена на возраст од околу триесет години.
Според првичните и неофицијални информации, трагичниот настан се случил на улицата „5-та“, каде утрово околу 7:30 часот бил пријавен крвав инцидент. На местото веднаш пристигнале полициски екипи и итна медицинска помош, но за жената, за жал, немало спас.
Неофицијално, како можен повод за трагедијата се споменува семејна расправија која претходела на убиството. Засега надлежните институции не откриваат повеќе детали за случајот, а истрагата е во тек.
Според досегашните информации, лицето осомничено за убиството е лишено од слобода и се наоѓа во полициска станица, каде се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.
Настанот предизвика вознемиреност кај жителите на населбата, кои велат дека утрово биле разбудени од полициски возила и големо присуство на службени лица во реонот.
Од истрагата се очекуваат повеќе официјални информации во текот на денот, кога би требало да бидат познати и дополнителни детали за околностите под кои се случила трагедијата.







