ПРВ.мк
Македонија

Божиќна порака од МПЦ: Како Христовата светлина може да донесе промена во секојдневието

Божиќна порака од МПЦ: Како Христовата светлина може да донесе промена во секојдневието
Kristal

Архиепископијата упати силна духовна порака по повод празникот Божик, истакнувајќи дека раѓањето на Христос претставува не само историски настан, туку вечна вистина и повик за човекот да живее во заедница со Бога.

– „Кога човештвото и светот беа обвиени во гревовна темнина, Бог не остана далечен, туку слезе меѓу нас и ја порази темнината – не со сила, туку со љубов“, се наведува во пораката. Божик се опишува како исполнување на Божјата волја и како дар на вечен живот за секој што верува.

Посланието потсетува дека радосната вест за Христовото раѓање најпрво ја објавиле ангелите, а потоа преку витлеемските пастири и мудреците од Исток целиот човечки род се поклонил на Богомладенецот. МПЦ нагласува дека копнежот по Божјото присуство е длабоко вкоренет во секоја човечка душа, а Божик го исполнува токму тој копнеж, бидејќи Бог станал човек за да го спаси и преобрази човекот.

Во пораката се нагласува дека Христовото воплотување ја осветило човечката природа и го отворило патот кон вечниот живот:

– „Небесното слезе на земјата, а вечноста влезе во времето“, порачуваат архиереите, додавајќи дека благодатното Божјо присуство ја придружува Црквата во сите времиња, особено во деновите на овој светол празник.

Архиерејскиот синод упатува повик до верниците да го примат Христа во своите срца, да се откажат од лошите навики и да живеат преобразен живот, достоен за името Христово. Божик се поставува како момент за духовно преиспитување – за поглед кон минатото и иднината, со решителност за исправка на слабостите и правење добро.

Посланието потсетува дека светот е исполнет со неправди и беззаконие, но верниците не треба да се сообразуваат со тие појави, туку својот живот да го усогласат со Христовите заповеди. И малите добри дела имаат голема вредност, бидејќи Господ го довршува секое искрено добронамерно дело.

Со молитвени благопожелби, Стефан, архиепископ охридски и македонски, заедно со членовите на Светиот архијерејски синод, им ги честита божикните и новогодишните празници на сите верници во татковината и дијаспората, со традиционалниот поздрав:

Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово.

FixCredit
Escape