Граѓаните на Македонија ќе можат да користат бесплатен дигитален паричник преку мобилната апликација „м.Услуги“, која ќе овозможи полесен пристап до електронски документи и државни услуги, без непотребно одење на шалтер.
Ова го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во гостување во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер.
Апликацијата ќе биде достапна за корисниците на Андроид и Ајфон, на македонски, албански и англиски јазик.
Како ќе функционира регистрацијата?
Граѓаните кои веќе имаат кориснички профил на порталот uslugi.gov.mk или го користат системот е-ППД на Управата за јавни приходи ќе можат да се регистрираат преку мобилен телефон.
Останатите ќе треба еднократно да го потврдат својот идентитет.
Дигиталниот паричник ќе биде заштитен со ПИН-код, а ќе постои и можност за биометриска заштита.
Дали ќе ги замениме физичките документи?
Андоновски објасни дека во почетната фаза граѓаните ќе мора да ги носат постојните физички документи, бидејќи институциите треба дополнително да се подготват за целосно признавање на електронските верзии.
За таа цел ќе бидат потребни технички подобрувања и измени на одредени законски и подзаконски акти.
Целта е до 2027 година Македонија целосно да се усогласи со европските правила за дигитален идентитет.
Бесплатна апликација развиена од македонски инженери
Министерот нагласи дека користењето на апликацијата нема да се наплаќа.
Проектот е реализиран со грант од еден милион евра преку програмата „Дигитална Европа“, а во неговата изработка учествувале македонски инженери и програмери.
Според Андоновски, со „м.Услуги“ државните услуги треба да станат подостапни, а граѓаните постепено да добијат можност голем дел од административните обврски да ги завршуваат директно преку мобилен телефон.








