ПРВ.мк
Македонија

БЕБЕ НАЈДЕНО НА КЛУПА ВО СКОПЈЕ: Го дала на чување, па исчезнала!

БЕБЕ НАЈДЕНО НА КЛУПА ВО СКОПЈЕ: Го дала на чување, па исчезнала!

Сериозен и вознемирувачки случај е пријавен во Скопје, откако бебе било пронајдено оставено на клупа во парк во населбата Шуто Оризари, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Според информациите од полицијата, случајот бил пријавен синоќа околу 19:30 часот од страна на скопјанец кој го забележал бебето, старо околу седум до осум месеци, оставено само во паркот. Веднаш по пријавата, полициски службеници излегле на терен, а бебето било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде по преглед било утврдено дека е во добра здравствена состојба и без видливи повреди.

Од МВР информираат дека по преземените мерки биле повикани неколку лица на разговор во полициското одделение во Шуто Оризари. Според нивните изјави, една жена од Центар првично го добила бебето на чување од друга жена, која по средбата не се вратила по детето.

Во обид да се реши ситуацијата, лицето кое го чувало бебето, наместо да го предаде на надлежните служби, заминало со него кон Шуто Оризари, каде детето на крај било оставено во паркот.

Полицијата и јавниот обвинител се информирани за случајот и се преземаат понатамошни мерки за целосно расчистување на околностите и утврдување на одговорноста на сите вклучени лица.

Најнови вести