ПРВ.мк
Македонија

МИЦКОВСКИ СО ПОРАКА ДО ПРАВОСУДСТВОТО: Новиот обвинител мора да ја врати довербата на граѓаните - еве како да го направи тоа!

МИЦКОВСКИ СО ПОРАКА ДО ПРАВОСУДСТВОТО: Новиот обвинител мора да ја врати довербата на граѓаните - еве како да го направи тоа!
Kristal

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потенцира дека главната задача на новиот државен јавен обвинител ќе биде темелно да ја врати довербата во институцијата Јавно обвинителство и да се позанимава со преку 100 поднесени кривични пријави од институциите кои сега стојат во фиоки. Тој го истакна ова одговарајќи на пратеничко прашање, нагласувајќи дека суштинската реформа во правосудството не е зголемување на платите или буџетот за судиите и обвинителите, туку вистинска борба за правда.

„Народот со право е жеден и гладен за правда. Токму тоа е суштинската реформа што треба да се спроведе“, рече Мицкоски. Тој додаде дека според правниот тим, изборот на новиот јавен обвинител не би требало да трае повеќе од 1,5 до 2 месеца и дека веднаш по избирањето, новиот обвинител треба да се зафати со темелна и напорна работа.

Премиерот потсети дека во изминатата година и половина, многу институции поднесувале кривични пријави, но Обвинителството не преземало конкретни активности, оставајќи стотици предмети нерешени. „Тоа што ние не правиме шоу, ниту упади во домови со камери, не значи дека поднесоците не постојат. Многу стотици пријави стојат во нечии фиоки и тоа е причината за оправданото негодување на граѓаните“, нагласи Мицкоски.

Тој посочи дека Владата не е судска власт и не може да суди или обвинува, туку само да доставува пријави. „Од тој момент натаму, обвинителите и судиите се тие што обвинуваат и судат. Првата задача на јавниот обвинител е да ја врати довербата во Обвинителството, а потоа и во судовите, затоа што без силна правна држава нема успех ниту на економски, ниту на општествен план“, рече Мицкоски.

Премиерот информираше дека Владата се согласила плановите за вработување и унапредување на јавните обвинители и судиите да ги одобрува Советот на јавни обвинители и Судскиот совет. Дополнително, се работи на мапирање на потребните кадри во судовите и обвинителствата – ИТ експерти, сметководители, технички асистенти – за да се обезбедат средства преку Буџетот и ребалансот.

„Сè што ни побараа, го направивме. Очекувам новиот јавен обвинител сериозно да се позанимава со предметите и да ја врати довербата на граѓаните во правосудниот систем“, заклучи Мицкоски, нагласувајќи дека во јануари следната година пред Собранието ќе бидат предложени закони од реформската агенда за јавното обвинителство и судството.

FixCredit
Escape