ПРВ.мк
Македонија

Ангелов за пожарот во Мариово: „Ние на едно место гаснеме, тој на друго се пали“

Ангелов за пожарот во Мариово: „Ние на едно место гаснеме, тој на друго се пали“

Пожарот во Мариово, кој со денови е еден од најтешките за гаснење во земјава, попладнево го променил правецот и почнал да се движи кон битолскиот дел, односно кон селото Орле.

Мирис на чад се чувствува дури и во Битола, а во гаснењето се вклучени пожарникари, доброволци, механизација, хеликоптер и „ер-трактори“.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека со механизација се прават пресеци со цел да се спречи ширењето на огнот кон населените места.

„Во Мариово се работи за голем пожар, цел ден го гаснеме, го користевме и полицискиот хеликоптер, поставивме и базен во негова близина, работевме и со ер-трактори. За жал, резултатите се слаби затоа што ние на едно место гаснеме, а тој на друго место се пали“, изјави Ангелов.

Во текот на денот критично било и кај селото Крушевица во прилепскиот дел на Мариово. Поради силниот ветер, огнот успеал да го премине асфалтираниот пат каде што биле концентрирани противпожарните екипи и се доближил кон селото.

Со заедничка интервенција на локалното население, пожарникарите од Прилеп и Кавадарци, екипите на ДЗС и доброволните пожарникари, овој крак од пожарот бил ставен под контрола.

Дополнително се испратени екипи од Неготино и Скопје, а за првпат ова лето се ангажирани и 30 припадници на Армијата, кои ќе помогнат доколку огнот се доближи до куќите.

Борбата со пожарот продолжува, а надлежните се обидуваат да го спречат неговото натамошно ширење кон населените места во Мариово.