Полициски службеници спроведуваат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во рамки на истрага за сомнителни манипулации со студентски оценки, испитни бодови и досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Според неофицијалните информации до кои дошол порталот „Скопје1“ од извори вклучени во истрагата, во полициската акција учествуваат службеници од Секторот за внатрешни работи Штип, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, СВР Скопје и службите задолжени за компјутерски криминал.
Во центарот на истрагата се наоѓа лице вработено на Универзитетот „Гоце Делчев“, кое ја извршувало функцијата раководител на ИТ-секторот. Постојат сомневања дека тоа лице подолг временски период незаконски интервенирало во електронскиот систем за евиденција на студентите.
Според досегашните сознанија од истрагата, осомничениот наводно вршел промени на испитните бодови, отстранувал веќе внесени оценки и овозможувал запишување нови семестри на студенти кои не ги исполнувале потребните услови за тоа.
Сомнежи дека за измените биле наплаќани пари
Особено внимание во истрагата привлекуваат информациите дека сомнителните интервенции најчесто се однесувале на студенти од Турција.
Изворите на „Скопје1“ наведуваат дека постојат сомневања оти за ваквите услуги бил бараn и добиван паричен надомест, односно дека промените во студентската евиденција наводно биле правени во замена за пари.
Дополнително, порталот дознава дека при досегашните полициски активности, во домот на осомничениот била пронајдена поголема сума готовина.
Сепак, засега не е соопштен точниот износ на пронајдените пари, ниту е потврдено дали тие имаат директна поврзаност со сомнителните активности што се предмет на истрагата.
Полициските претреси сè уште се во тек, а официјални информации од Министерството за внатрешни работи засега нема.
Не е соопштено колку лица се опфатени со истрагата, дали има приведени, ниту за кои конкретни кривични дела евентуално ќе следуваат постапки.
Сите сомневања се предмет на истрага, а надлежните институции треба да ги утврдат околностите и евентуалната одговорност на инволвираните лица.







