Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, ѝ упати јавна честитка на Мирјана Митрева, која го освои второто место во музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“.
Во својата објава, Јанчев истакна дека Мирјана со својот талент, посветеност и истрајност достојно ги претставила Кавадарци и Македонија, оставајќи силен впечаток кај публиката и стручната јавност.
„Овој успех не е само признание за нејзиниот извонреден музички талент, туку и потврда дека кога веруваш во себе и вредно работиш, резултатите неизбежно доаѓаат“, напиша градоначалникот.
Тој во име на Општина Кавадарци и во свое лично име ѝ честиташе на Митрева, посакувајќи ѝ уште многу успеси, настапи на големи сцени и исполнување на сите нејзини музички соништа.
Јанчев упати честитки и до победникот на овогодишното издание на „Ѕвездите на Гранд“, Бојан Илиевски, истакнувајќи дека и двајцата одлично ја претставиле Македонија на престижното регионално музичко натпреварување.
„Мирјана, Кавадарци е гордо на тебе и секогаш ќе биде твоја најсилна поддршка“, порача Јанчев.









