ПРВ.мк
Македонија

ПЛАТИЛ 1.200 ЕВРА ЗА ВОЗАЧКА БЕЗ ПОЛАГАЊЕ – НА КРАЈ ОСТАНАЛ И БЕЗ ПАРИТЕ И БЕЗ ДОЗВОЛАТА

ПЛАТИЛ 1.200 ЕВРА ЗА ВОЗАЧКА БЕЗ ПОЛАГАЊЕ – НА КРАЈ ОСТАНАЛ И БЕЗ ПАРИТЕ И БЕЗ ДОЗВОЛАТА

Четириесет и тригодишен жител на Гостивар пријавил во полиција дека бил измамен, откако платил 1.200 евра со надеж дека ќе добие возачка дозвола без да полага возачки испит.

Според информациите од МВР, случајот бил пријавен на 26 јуни во Полициската станица во Гостивар. Пријавителот изјавил дека пред околу четири месеци, преку свој пријател, стапил во контакт со лице од Скопје, кое му ветило дека може да му обезбеди возачка дозвола без полагање.

На средба во Скопје, осомничениот побарал 1.300 евра и копија од личната карта за наводно да ја „заврши работата“. Гостиварецот во неколку наврати му исплатил вкупно 1.200 евра, верувајќи дека договорот ќе биде реализиран.

Но, откако поминало извесно време, а ниту добил возачка дозвола, ниту му биле вратени парите, сфатил дека бил измамен и случајот го пријавил во полиција.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности. Воедно, случајот е потсетник дека секој обид за добивање официјални документи по незаконски пат носи ризик од измама и кривична одговорност.

Најнови вести