Поради обилните врнежи, значително покачување на водостоите е забележано на повеќе речни сливови низ земјава, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Најизразено зголемување е измерено на горниот тек на Вардар, како и на реките Пена, Лепенец и сливот на Пчиња. Водостојот на Вардар во Скопје исто така бележи пораст.
Од Управата предупредуваат дека трендот на раст може да продолжи и апелираат граѓаните внимателно да ги следат состојбите покрај овие водотеци во текот на денот.
Дополнително, високи водостоји се регистрирани и на реката Радика, како и на Треска, Црна и Сатеска. Ситуацијата е најкритична во западниот дел на земјата, каде што е можна понатамошна ескалација на водостоите.
Стручните служби апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при движење покрај реките и површинските води, со посебен ризик покрај горниот тек на Вардар и неговите притоки, Лепенец, Радика и нејзините притоки. Во сливот на Пчиња се очекува исклучително висок водостој, што дополнително ја зголемува опасноста од поплави.
















