Македонската економија се наоѓа пред историска потреба за трансформација од долго години стагнирање, предизвикано од ниските плати, лесно достапната работна сила и ограничените производствени капацитети.
Премиерот Христијан Мицкоски, на партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, истакна дека до 2030 година државата мора да изврши темелна промена – од економија базирана на евтина изработка кон стопанство кое почива на експертиза, врвни вештини и создавање висока додадена вредност.
Според Мицкоски, македонската економија мора да го надмине моделот на слаба ефикасност и зависност од увоз и да се преориентира кон иновативна економија заснована на технологија и знаење. „Овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области: индустрии базирани на знаење, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг и креативни индустрии – ова е новата економска матрица“, нагласи Мицкоски.
Државата мора да инвестира во сектори кои генерираат голема додадена вредност и конкурентност на светскиот пазар. Дигитализацијата и автоматизацијата се клучни за интеграција во европските и глобалните производствени синџири, додаде тој.
Модернизацијата на бизнис-секторот преку нови дигитални технологии, технолошки паркови и создавање работни места со висока додадена вредност ќе го унапреди извозниот потенцијал. Домашните компании, според Мицкоски, мора да станат двигатели на економскиот развој со силна институционална поддршка: финансиски инјекции, кредитни линии, намалени административни пречки и стимулации за развој.
Стабилна фискална политика, предвидливи даночни прописи и долгорочно стратешко планирање, усогласено со европските стандарди, се основа за напредок. „Ниту една компанија не инвестира во држава каде даночните правила се менуваат секојдневно. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност“, нагласи Мицкоски.
Зелената економија, како што истакна, не е политички проект, туку државна потреба. Тој повика на инвестиции во обновливи извори на енергија, модернизација на преносната мрежа и регионални енергетски проекти за намалување на зависноста и поттикнување на нов економски раст.
„Стабилноста и развојот се невозможни без доверба во државата, а довербата се гради преку независни институции, владеење на правото и системи кои создаваат правичност, а не зависност. Без доверба во институциите – нема држава. Правната држава не е само збир на закони, туку нивна доследна примена“, рече Мицкоски, додавајќи дека Македонија мора да премине од формална кон функционална демократија.
Тој ги истакна десетте принципи кои ја обликуваат рамката на современото лидерство: достоинство пред сè, правда како единствен авторитет, знаење како највисок капитал, држава силна, но не доминантна, нација како заедница, пазарна економија која овозможува шанси, институции како срж на демократијата, европска ориентација како цивилизациска вредност, технологија и одржливост како двигатели на прогресот и општество кое се гради на доверба.

















