Состојбата со пожарите на отворен простор во Македонија и денеска останува сериозна. Според информациите од Центарот за управување со кризи, до 13 часот се регистрирани вкупно девет пожари, од кои четири се активни, три се под контрола, а два се целосно изгаснати.
Најсериозна е состојбата во Општина Студеничани, каде активниот пожар се движи на релација Моране – Вртекица – Рамни Габер и зафаќа мешана шума. Екипите продолжуваат со активности за спречување на понатамошното ширење на огнот.
Активен пожар има и во Општина Македонски Брод, во месноста Видуш, во близина на селата Драгов Дол и Локвица. Таму огнената стихија зафатила ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Пожарот кај Велес се проширил кон Зелениково
Особено внимание привлекува пожарот кој избувнал на територијата на Велес, а потоа се проширил и кон Општина Зелениково.
Огнот започнал кај селото С'лп, во месноста Горно Село, а потоа продолжил кон селата Добрино и Тисовица. Во пожарот се зафатени ниска вегетација, како и дабова и габерова шума.
Активен е и пожарот кој се шири од селата Копанце и Туденце во Општина Јегуновце кон селото Бојане во Општина Сарај, каде што гори мешана шума.
Во меѓувреме, три пожари се ставени под контрола – кај селата Алданци и Норово во Крушево, кај Конопница во Крива Паланка, како и на потегот Борино – Житоше во Крушево.
Во текот на денот целосно се изгаснати уште два пожари. Едниот бил кај дивата депонија во село Пагаруша во Студеничани, додека другиот избувнал кај православните гробишта во Охрид, каде што гореле дрва.
Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата на активните пожари, особено на местата каде што огнот се движи низ шумски предели и постои опасност од негово дополнително ширење.









