Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека засега нема услови за прогласување епидемија во Гостивар, бидејќи сè уште не е утврдена точната причина за големиот број граѓани со стомачни тегоби.
Според него, првите случаи биле регистрирани на 13 јули, а бројот на пациенти останува речиси непроменет. Секојдневно повеќе од 200 лица бараат лекарска помош, при што во последното деноноќие околу 100 деца биле прегледани на педијатрија, а уште 160 пациенти на инфективното одделение.
Кај најголемиот дел од заболените се јавуваат дијареја, повраќање и кај некои покачена телесна температура. Повеќето пациенти добиваат терапија против дехидратација и по стабилизирањето се испраќаат на домашно лекување.
Во тек се дополнителни лабораториски испитувања и епидемиолошки анкети за да се утврди изворот на проблемот. Се анализираат примероци за вируси, бактерии, паразити, како и други можни причинители, а надлежните институции паралелно ја испитуваат и исправноста на водата.
Клековски нагласи дека епидемиолозите се единствените кои ќе можат да дадат конечен одговор за причината, додавајќи дека, според досегашните сознанија, масовно труење со храна е малку веројатно бидејќи случаите се појавуваат веќе неколку дена по ред. Првите дополнителни резултати од анализите на водата се очекуваат на почетокот на следната недела.







