ПРВ.мк
Македонија

Скандал „Геријатрија“: Директорот обвинет за поткуп од 20.000 евра тврди дека не е виновен

Скандал „Геријатрија“: Директорот обвинет за поткуп од 20.000 евра тврди дека не е виновен

Пред Основниот кривичен суд во Скопје денеска започна судењето за случајот „Геријатрија“, во кој обвинети се директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина, Мухсин Арифи, и Блерим Амити. И двајцата пред судијата изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.

Според обвинителниот акт, Арифи побарал 20.000 евра за да овозможи болнички прием на пациентка во тешка здравствена состојба. Амити, кој претходно го познавал сведокот, се понудил да посредува и ја примил паричната сума. Тој бил фатен на самото место од полицијата во моментот на примопредавање.

Обвинителката Искра Хаџи Василева во воведните зборови нагласи дека станува збор за класичен пример на длабоко вкоренета корупција. „Пропорциите и интензитетот на корупцијата се толку многу длабоки што ја засегаат секоја сфера од нашето живеење. Во овој случај имаме директно, грубо барање мито од директор на институција за износ што бил предмет на преговори и на крај прифатен како минимален за да се изврши службено дејствие кое морало да биде бесплатно“, изјави таа.

Хаџи Василева посочи дека обвинетите делувале од чисти лични интереси, сакајќи да се збогатат на сметка на туѓа несреќа. Тие ја искористиле ранливата состојба на пациентката и потребата за итна медицинска грижа. Сведокот, кој е давател на доживотна издршка на пациентката, веднаш го пријавил случајот, а обвинителството најави дека ќе презентира докази кои јасно ја документираат корупцијата.

Одбраната на Арифи и Амити најави сосема поинаков пристап. Тие тврдат дека постојат недоразбирања и ќе презентираат докази од статути, процедури и законски одредби што произлегуваат од институцијата со цел да докажат дека обвинетите не можеле, ниту имале намера да извршат кривично дело. „Доказите ќе покажат дека станува збор за недоразбирање, а не за поткуп“, соопштија нивните адвокати.

Судењето ќе продолжи со изведување на сведоци и презентирање на материјални докази, по што судот ќе одлучува дали обвинетите ќе ја сносат одговорноста за примање поткуп и злоупотреба на службена положба.

Escape