ПРВ.мк
Македонија

(ФОТО) Саат-кулата во Велес – сведок на времето и историјата

(ФОТО) Саат-кулата во Велес – сведок на времето и историјата

Саат-кулата во Велес е една од најстарите и најзначајни историски и културни знаменитости во градот. Се наоѓа во централното градско подрачје и се смета за најстара зачувана градба од ваков тип. Според историските податоци, таа датира од 17 век, а постојат извори кои ја поврзуваат и со 1873 година како период на важни активности околу неа. Кулата е висока околу 30 метри и со векови доминира над градската панорама.

Во времето на Османлиската Империја, Саат-кулата првично имала воена и стражарска функција. Од неа турските војници (арскерот) ги надгледувале тогашните седум градски маала и движењето на населението. Таа служела како стратешка точка за контрола на градот и околината, вклучувајќи ги и патиштата и подоцна железничката линија Велес–Солун. Од неа се набљудувале важни делови на градот како пазариштето и мостовите преку реката Вардар.

Околу кулата се развивале различни маала со специфични имиња и функции. На пример, „Бузаана“ (Ладен ан) се наоѓала на повисокиот дел од западниот рид и служела како стражарска и контролна точка. Во близина биле и маалата „Мегдан“, „Којник“ (првично „Појник“, поврзано со напојување на стока), „Саармале“ познато по трговија со срма, како и „Дворови“, „Прцорек“ или „Брзорек“ и „Соколана“. Сите овие делови заедно ја формирале урбаната структура на стар Велес.

Во 1873 година, со развојот на градот и инфраструктурата, Саат-кулата добива уште поголемо значење како ориентациска точка и контролен објект. Поради нејзината висина и позиција, таа била видлива од сите делови на градот, што ја правело централна точка за снаоѓање и секојдневен живот.

Подоцна, во кулата бил поставен саатски механизам од непознат мајстор-саатчија, по што таа добива нова функција – мерење на времето за граѓаните. Во тоа време, Саат-кулата била единствениот „јавен часовник“ во градот, бидејќи луѓето сè уште немале лични часовници. Механизмот бил одржуван рачно, редовно се навивал и подмачкувал, најчесто ноќе на полноќ.

Кулата поседува внатрешни скалила (околу 200) кои водат до горната платформа, каде што се наоѓале механизмите за мерење на времето, удирање на часовите и поврзување со камбаната. Камбаната има посебна историја – првата била излеана во 1735 година, многу голема и силна, но подоцна била заменета со помала и потивка. За оваа промена постојат и локални преданија, меѓу кои и приказната за бегот кој побарал намалување на звукот поради лична трагедија.

Во текот на својата историја, Саат-кулата била и инспирација за патописци, истражувачи и уметници. Евлија Челебија во своите записи ја споменува промената на ѕвоното, а постојат и историски фотографии и цртежи од почетокот на 20 век кои ја документираат нејзината состојба низ времето.

Во модерниот период, Саат-кулата станува и симбол на градот и се наоѓа дури и на неговиот амблем. Таа претставува дел од културниот идентитет на Велес и редок пример на добро зачувана османлиска градска архитектура.

Во 1975 година објектот бил реновиран по одлука на локалните власти, со што е зачуван неговиот автентичен изглед и продолжувањето на неговата симболична улога како чувар на времето во градот.