Истрагата за работењето на дискотеката „Пулс“ се проширува, а во соработка со кочанското обвинителство и полицијата, денеска и вчера беа уапсени десетина лица, најголем дел инспектори на УЈП од Штип и Струмица. Според јавниот обвинител Љупчо Коцевски, постоел сомнеж дека тие земале мито, оддавале службена тајна и ја злоупотребиле положбата како даночни инспектори.
„Денеска се приведени нешто помалку, околу десетина лица, и во моментов се вршат претреси на одредени локации. Се работи за лица вработени во Управата за јавни приходи. Првичните сознанија се за кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и примање и давање мито“, изјави Коцевски.
Обвинителството посочува дека инспекторите на УЈП директно комуницирале со сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, информирајќи го дали и кога дискотеката ќе биде контролирана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Вибер, а истражителите откриле дека даночните инспектори добивале и подароци.
Меѓу уапсените е и Драганчо Паунов, брат на в.д. претседателката на скопскиот кривичен суд, кој според разговорите бил во постојана комуникација со Јованов и го информирал за плановите на штипската централа на УЈП.
Коцевски нагласува дека овој предмет не е поврзан со кочанската трагедија и се работи исклучиво за кривични дела злоупотреба, поткуп и примање подароци од сопственикот на дискотеката.
Апсењата следуваат неполни 24 часа од почетокот на судењето за кочанската трагедија, при што обвинителството ја потенцирало централната улога на Јованов, чии единствен интерес бил профит, во создавањето на коруптивната мрежа со даночните инспектори.
















