Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека во март ќе следува ново зголемување на платите во секторите здравство и образование, нагласувајќи дека Владата останува цврсто фокусирана на подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Во интервју за „Вечер.мк“, Мицкоски истакна дека покачувањата се резултат на веќе потпишаните четиригодишни договори со репрезентативните синдикати, со што се обезбедува континуитет и предвидливост во растот на платите.
Според него, во образованието е предвиден постепен раст на примањата во периодот од 2025 до 2027 година, во зависност од можностите на буџетот, при што зголемувањето ќе се движи меѓу 7,5 и 10 проценти. Во 2028 година, согласно договорот, растот на платите ќе изнесува од 10 до 12,5 проценти.
„Станува збор за четиригодишен договор потпишан со репрезентативните синдикати, кој јасно ги дефинира обврските и динамиката на зголемување на платите во образованието“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека сличен модел на договор и усогласување постои и во здравствениот сектор, каде што исто така е планирано континуирано подобрување на примањата на вработените.
Мицкоски потсети дека во текот на оваа година зголемување на платите добија и припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, што, како што рече, е доказ за системски и рамноправен пристап кон сите клучни сегменти од јавниот сектор.
„Во рамките на нашите можности постојано се грижиме за стандардот на граѓаните и на вработените. Ќе продолжиме со вакви политики и во иднина, паралелно унапредувајќи го социјалниот дијалог меѓу работниците и работодавачите“, нагласи Мицкоски.
















