ПРВ.мк
Македонија

30 дена кризна состојба: Владата со итни мерки за Гостивар

30 дена кризна состојба: Владата со итни мерки за Гостивар

Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба во Општина Гостивар во траење од 30 дена, поради проблемите со водоснабдителниот систем и последиците од загадувањето на водата за пиење.

Како што соопшти владината прес-служба, одлуката е донесена бидејќи локалната самоуправа не можела самостојно да се справи со настанатата состојба. Со кризната состојба треба да се овозможи побрза координација меѓу надлежните институции, нормализирање на водоснабдувањето и обезбедување безбедна вода за пиење за граѓаните.

„Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува фокус на Владата и посветени сме кон целосно решавање на овој проблем“, наведуваат од Владата.

Во меѓувреме, Основниот суд во Гостивар им определи 30-дневен притвор на тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата, прифаќајќи го предлогот на Основното јавно обвинителство Гостивар.

Притвор им е одреден на вршителката на должност директор на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути, и техничкиот директор Леон Мезини.

Според Обвинителството, тие се осомничени за тешки дела против животната средина и природата, поврзани со загадување на вода за пиење, дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку четири години.

Истрагата беше отворена по пријавите за загадување на водата во Гостивар. Досегашните анализи, според Обвинителството, покажале присуство на колиформни бактерии на една од испитуваните точки, како и зголемена концентрација на хлор во еден од примероците.

Од Обвинителството додаваат дека истрагата продолжува и не ја исклучуваат можноста таа да биде проширена и на други лица доколку бидат обезбедени нови докази.