Силно невреме проследено со поројни дождови попладнево ги погоди Охрид и Струга, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија и поплавување на повеќе улици и сообраќајници.
Според неофицијални информации, причина за прекинот на струјата е дефект поврзан со електроенергетскиот систем на МЕПСО. Од компанијата засега нема официјална потврда, а се очекуваат дополнителни информации за обемот и причините за дефектот.
Во меѓувреме, поројниот дожд создаде проблеми низ повеќе делови од Охрид, каде што улици останаа под вода, а сообраќајот на одредени локации се одвива отежнато.
На терен интервенираат екипи на јавните претпријатија и службите на Општина Охрид, кои работат на отстранување на последиците и нормализирање на состојбата.
Граѓаните преку социјалните мрежи споделуваат фотографии и видеа од поплавени улици, додека надлежните апелираат на внимателност и следење на официјалните информации.










