ПРВ.мк
Македонија

Може ли Бугарија да бара Македонците да се откажат од државјанството?

Може ли Бугарија да бара Македонците да се откажат од државјанството?

Прашањето дали Бугарија би можела да побара од македонските граѓани кои поседуваат и бугарско државјанство да се откажат од македонското повторно ја отвори дебатата за правата и обврските што произлегуваат од двојното државјанство.

Темата добива на актуелност поради неофицијалните проценки дека меѓу 120.000 и 200.000 македонски граѓани поседуваат и бугарски пасош, додека според последниот попис во Македонија како Бугари се изјасниле околу 3.500 лица.

Универзитетскиот професор Александар Спасов објаснува дека секоја држава може да постави услови поврзани со своето државјанство, но нагласува дека за губење на македонското државјанство не одлучува друга држава, туку Република Македонија согласно домашното законодавство.

„Бугарија може да побара, но Македонија може да одбие. За стекнување или губење државјанство одлучуваат државите според сопствените закони, а не самите граѓани“, истакнува Спасов.

Тој додава дека секој што има бугарско државјанство ги ужива истите права како и останатите бугарски државјани, но истовремено ги има и истите законски обврски. Како пример наведува дека доколку Бугарија во иднина воведе задолжителна воена служба, таквата обврска би можела да важи и за лицата кои имаат бугарско државјанство, во согласност со бугарските закони.

Според професорот, бугарските државјани подлежат и на останатите законски прописи во Бугарија, вклучително и оние што се однесуваат на одредени кривични дела, доколку за тоа постои законска надлежност.

Во меѓувреме, темата за двојното државјанство останува актуелна и на домашната политичка сцена. Предлог-законот со кој пратениците не би можеле да поседуваат двојно државјанство сè уште не е ставен на дневен ред, додека предлогот на опозицијата за ограничување на двојното државјанство кај министрите претходно не доби поддршка.