Вкупно 33 лица побарале лекарска помош и биле згрижени во скопските болници по силното невреме што вчера го зафати главниот град, информира Министерството за здравство.
Во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ биле примени 22 повредени лица, од кои двајца остануваат на болничко лекување поради сериозноста на повредите.
Во меѓувреме, на Клиниката за ТОАРИЛУЦ во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ биле примени 11 пациенти, при што тројца се здобиле со скршеници.
Од Министерството за здравство соопштуваат дека сите повредени се во стабилна здравствена состојба.
Невремето што вчера го погоди Скопје предизвика значителни материјални штети во повеќе делови од градот. Силниот ветер корнеше дрвја, оштети покриви и возила, а надлежните служби и денеска работат на расчистување на последиците.







