ПРВ.мк
Македонија

ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ЛИ СТУДЕНТСКИОТ ОБРОК? Студентите бараат повеќе од 140 денари, Јаневска одговори

ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ЛИ СТУДЕНТСКИОТ ОБРОК? Студентите бараат повеќе од 140 денари, Јаневска одговори

Студентските организации бараат зголемување на субвенцијата за студентски оброк, која во моментов изнесува 140 денари дневно. Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека барањето ќе биде разгледано, но конечната одлука ќе зависи од расположливите средства во буџетот.

Јаневска истакна дека Министерството внимателно ќе ги разгледа студентските иницијативи и ќе направи финансиска анализа пред да донесе одлука.

„Со внимание ќе ги разгледаме иницијативите на студентите, како и сите досега, и по тоа внимателно разгледување, ќе одговориме во рамките на нашите можности. Ќе треба да се направи анализата и потоа ќе им одговориме и на студентите и јавно“, изјави Јаневска.

Студентите најавуваат и иницијатива за субвенционирање на меѓуградскиот превоз за оние кои секојдневно патуваат на факултет, посочувајќи ги зголемените цени на билетите. Министерката рече дека и ова барање ќе биде разгледано откако официјално ќе пристигне во Министерството, земајќи ги предвид буџетските можности и надлежностите на институцијата.

Јаневска информираше и дека постапката по дополнителниот оглас за образовни асистенти е завршена, а изборот е при крај. Според неа, останува да се обезбедат асистенти за уште мал број ученици, а сите деца на кои им е потребна ваква поддршка треба да ја добијат.