Пожарите на отворено продолжуваат да создаваат проблеми во повеќе делови од Македонија. До 13 часот денеска биле регистрирани вкупно 17 пожари, од кои 11 остануваат активни, три се ставени под контрола, а три се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Една од активните огнени линии е на подрачјето на Студеничани и Зелениково, каде пожарот ги зафаќа селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со краци во правец на Палиград и над Вражале. Во овој предел гори мешана шума. Активен пожар има и кај Цветово, на стариот пат кон Елово.
Во Македонски Брод, во месноста Видуш кај Драгов Дол и Локвица, огнот зафатил ниска вегетација, грмушки и нискостеблеста шума.
Сериозна е состојбата и во Кичевско, каде кај Тајмиште, во месноста Дарда, гори високостеблеста букова шума. Кај Ломница во Општина Врапчиште е зафатена мешана шума.
Активни пожари на ниска вегетација има и кај Церово во Маврово и Ростуше, како и кај истоименото село во Општина Желино.
Во Прилепско пожарникарите интервенираат на три локации – кај Бонче, Мажунчиште и Коњари. Во струмичкото село Водоча, пак, гори стрниште.
Под контрола се пожарите кај Чаниште во Прилепско, Никуштак во Општина Липково и Бродец во Тетовско.
Целосно се изгаснати пожарите кај Белушино во Крушевско, Стари Лозја во Куманово и депонијата во Делчево.
Екипите остануваат на терен и продолжуваат со интервенциите на активните жаришта.







