ПРВ.мк
Република

11 ОКТОМВРИ – ДЕН НА НАРОДНОТО ВОСТАНИЕ! Денот кога македонскиот народ го крена гласот за слобода

11 ОКТОМВРИ – ДЕН НА НАРОДНОТО ВОСТАНИЕ! Денот кога македонскиот народ го крена гласот за слобода

Република Македонија денеска, 11 октомври, одбележува 85 години од почетокот на народното востание за ослободување на македонскиот народ и борбата против фашизмот, започната во 1941 година во Прилеп и Куманово.

По повод државниот празник, предвидени се свечена академија во Куманово, доделување на државните награди „11 Октомври“ во Собранието во Скопје, како и положување цвеќе на повеќе спомен-обележја посветени на борците и дејците од македонската историја.

Централната свечена академија ќе се одржи во 12 часот кај Спомен-костурницата во Куманово, под мотото „Идеали што градат иднина“. На настанот ќе се обрати претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Во Собранието во Скопје, пак, ќе бидат доделени годинашните награди „11 Октомври“. Признанието за животно дело во областа на културата и уметноста ќе му биде врачено на писателот, проф. д-р Венко Андоновски.

Наградата за животно дело во областа на науката и образованието ќе ја добијат лингвистот проф. д-р Димитар Пандев, универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи и проф. д-р Владо Поповски, доктор по историски, политички и правни науки.

Во рамките на одбележувањето на празникот, цвеќе ќе биде положено на партизанските гробишта во Бутел, пред Спомен-костурницата во Куманово, како и пред спомениците на Методија Андонов – Ченто и Кузман Јосифовски – Питу и пред Могилата на непобедените во Прилеп.

Заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, во 10 часот во Прилеп ќе положи цвеќе пред спомен-обележјата на Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифовски – Питу и Могилата на непобедените. По завршувањето на официјалниот дел, тој ќе даде изјава за медиумите.

Согласно Законот за празниците, 11 Октомври е неработен ден за граѓаните во земјава.

На 11 октомври 1941 година, Првиот прилепски партизански одред го започнал востанието со напад врз полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп. Следниот ден, на 12 октомври, акциите ги продолжиле и партизаните од Кумановскиот одред.

Празникот претставува продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ, вкоренети во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и Илинденското востание, како и во стремежите за социјално и национално ослободување за време на Балканските војни и Првата светска војна.

Значаен момент во остварувањето на овие стремежи се одлуките донесени на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои биле поставени темелите за создавање македонска држава и биле оживеани идеалите за национална слобода и државност.

По повеќедеценискиот развој во рамките на СФРЈ, а потоа и како независна држава, Македонија помина низ бројни политички и општествени предизвици, меѓу кои и конфликтот во 2001 година. Денес земјата е полноправна членка на Обединетите нации и на НАТО, додека нејзината европска интеграција и натаму останува значајно прашање во односите со Европската Унија.

Најнови вести