Министерството за образование и наука (МОН) објави дека започна пријавувањето за субвенционирани студентски оброци за академската 2025/2026 година, а рокот трае до 5 декември.
Правото на аплицирање го имаат сите редовни додипломски студенти чиј месечен приход е понизок од минималната нето плата, како и студентите на постдипломски и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во Македонија.
Аплицирањето се врши електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде студентите можат да ја поднесат својата апликација. Деталните критериуми и услови се објавени на веб-страницата на МОН, а за дополнителни прашања и поддршка студентите можат да пишат на e-mail адресата [email protected].
Министерството потсетува дека повторно аплицирање е можно и за оние студенти на кои претходно им било прекинато користењето на субвенционираниот оброк, доколку сега ги исполнуваат условите. Рокот е отворен и за сите кои досега не аплицирале во ниту еден претходен циклус, што значи дека ова е шанса која не треба да се пропушти.

















