Нов значаен успех за македонското планинарство – Горан Митков, член на СПД „Пробиштип“, успешно се искачи на врвот Казбег во Грузија, висок импресивни 5.054 метри.
Казбег се наоѓа на Кавказ и важи за еден од позначајните високогорски предизвици во регионот. Искачувањето било реализирано како дел од повеќедневна меѓународна експедиција организирана од планинарскиот клуб „I Love Hiking“ од Скопје.


Патот до врвот не бил нималку лесен. Експедицијата поминала низ неколку етапи, со три клучни аклиматизациски престои во базни кампови поставени на различни надморски височини.
Најголемиот предизвик следувал во завршната етапа. Искачувањето кон самиот врв траело околу 14 часа, во услови на ниски температури, силен ветер и тежок високогорски терен.
Планинарите минувале преку глечери и каменести делови, додека најтехничкиот и најсложениот сегмент од патеката бил обезбеден со фиксно јаже.
И покрај суровите временски услови и екстремно ниските температури, сите членови на експедицијата успешно стигнале до врвот.
Успехот на Горан Митков претставува уште едно значајно достигнување за македонското планинарство и доказ дека македонските планинари се подготвени да се соочат и со најсериозните високогорски предизвици.










