Познатиот адреналински пар Ангела Николау и Иван Кузнецов повторно го привлече вниманието на светската јавност, откако се искачија на врвот на Емпаер Стејт Билдинг во Њујорк, каде што се свршија, а веднаш потоа беа приведени од полицијата.
Инцидентот се случил на 1 јули, кога 33-годишната Ангела и нејзиниот 32-годишен партнер се искачиле на антената на легендарниот облакодер, на височина од околу 443 метри. Целата нивна авантура ја пренесувале во живо преку Инстаграм, каде што ја следат стотици илјади луѓе.
Со себе носеле и голем транспарент со порака: „Кога моќта на љубовта ќе ја победи љубовта кон моќта, тогаш светот ќе знае за мир“.
На самиот врв, Иван ја запросил Ангела, која ја прифатила понудата и го покажала свршеничкиот прстен пред камерата. Според очевидци, двајцата останале околу половина час на врвот на зградата пред да започнат да се симнуваат.
Набргу по нивното спуштање, полицијата ги привела. Засега не е познато на кој начин успеале да стигнат до делот од зградата кој е строго забранет за посетители.
Според информациите на „The New York Post“, парот најпрво стигнал до 102-от кат, кој е највисокото ниво достапно за посетителите. Потоа, наводно, го искористиле службениот пристап кон 103-от кат, кој е наменет исклучиво за техничко одржување, по што продолжиле кон антената.
Портпарол на Емпаер Стејт Билдинг изјавил дека полицијата во Њујорк брзо реагирала и дека при целиот инцидент никој не бил повреден.
Случајот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Додека едни ги критикуваат поради опасниот и незаконски потег, други им честитаат за свршувачката или се шегуваат на нивна сметка.
Меѓу најкоментираните реакции се: „Ако ова е свршувачката, тогаш ме интересира каде ќе биде свадбата“, „Ако ви треба свадбен фотограф кога ќе излезете од затвор, тука сум“, „Добрите вести се дека прстенот е навистина убав, лошите се што ве чекаат сериозни последици“ и „Замислете да му паднеше прстенот од таа височина“.
Ангела Николау и Иван Кузнецов се добро познати по своите екстремни искачувања на облакодери ширум светот. Ангела има околу 1,5 милиони следбеници на Инстаграм, додека Иван го следат околу половина милион луѓе. Нивните профили се исполнети со снимки од опасни акробации на високи згради и други ризични локации.
За нивната необична љубовна и животна приказна е снимен и документарниот филм „Skywalkers: A Love Story“, а дел од јавноста смета дека ова спектакуларно запросување претставува и дополнителна промоција на филмот.









