ПРВ.мк
Магазин

Монархијата соочена со срам: Кралот Чарлс исвиркан пред катедрала во Англија

Монархијата соочена со срам: Кралот Чарлс исвиркан пред катедрала во Англија

Британскиот монарх Крал Чарлс III доживеа непријатен инцидент во понеделникот пред катедралата во Личфилд, кога еден демонстрант го исвирка и му упати остри прашања поврзани со контроверзните врски на неговиот брат, принцот Ендру, со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин, пренесува Ројтерс.

Додека кралот мирно ги поздравувал собраните граѓани, мажот извикал: „Колку долго знаеш за Ендру и Епстин?“

Чарлс не реагирал на провокацијата, задржувајќи смиреност и продолжувајќи да им се обраќа на останатите присутни, но сведоци велат дека атмосферата станала наелектризирана и непријатна.

Инцидентот се случува во момент кога угледот на британското кралско семејство повторно е под сериозен притисок, поради новите откритија за врските на принцот Ендру со Епстин. Принцот, кој има 65 години, неодамна соопшти дека се откажува од титулата војвода од Јорк, откако случајот повторно ја потресе британската јавност.

Причината за новиот бран негодување е објавувањето на мемоарите на Вирџинија Џуфре, жената која го обвини Ендру за сексуално злоставување додека била тинејџерка. Џуфре, која во 2022 година постигна вонсудско порамнување со Ендру, се самоуби во април оваа година, што повторно ја отвори дебатата за тоа дали вистината за нејзиниот случај некогаш ќе излезе на виделина.

Дополнителна контроверзија предизвикаа и новите полициски истраги во Велика Британија, според кои се испитуваат наводи дека принцот Ендру во 2011 година барал од свој полицаец да пронајде компромитирачки информации за Џуфре, што фрла дополнителна сенка врз неговата репутација.

Демонстрантот пред катедралата не застанал само со едно прашање. Тој му викнал на монархот и: „Дали баравте од полицијата да го прикрие случајот со Ендру? Дали пратениците треба да смеат да расправаат за кралското семејство во парламентот?“

И покрај ова, Кралот Чарлс останал прибран и го продолжил своето официјално обраќање, обидувајќи се да го заштити веќе разнишаниот углед на монархијата по неколкуте скандали кои ја потресоа британската круна во последните години.

Овој инцидент уште еднаш ја покажува растечката недоверба на јавноста кон кралското семејство, особено кога станува збор за недопрливоста и одговорноста на членовите на монархијата пред законот.

Не дознавај последен – читај ПРВ.мк

Escape